Шампионот на Германија, Фленсбург многу порано од истекот на договорот потпиша продолжување на соработката со организаторот на игра Џим Готфритсон. Тој имаше обврска со клубот до 2021 година, а со новиот договор ќе остане во редовите на Фленсбург до 2025 година.
Готфритсон стана играч на Фленсбург како тинејџер, кога премина од Истад и веќе во првата сезона со бундеслигашкиот тим ја освои Лигата на шампионите.
„Џим одлично го разбира ракометот и има импресивно предвидуање на противникот. За време на претстојот во Фленсбург израсна во апсолутен лидер на тимот“, изјави тренерот на Фленсбург, Мајк Макула.
Швеѓанецот сега има 28 години, а по истекот на договорот ќе има 33, што значи дека можеби ќе остане во Фленбург и до крајот на кариерата. Готфритсон е член на репрезентацијата на Шведска и до сега има одиграно 79 мечеви за својата нацинална селекција.