Женскиот ракометен клуб на Куманово има долга традиција и оваа година прославува 90 години од постоењето. Почетоците на клубот се уште од 1929 година кога Петар Николиќ тогашен новинар и дописник бил главен иницијатор за формирање на клубот.
На почетоците на клубот се играла играта „Хазена“ која се смета за претходник на денешниот ракомет. Тогаш се играло на отворени фудбалски игралишта бидејќи не постоеле спортски сали и најчесто пред фудбалските натпревари. Хазена била игра која се игра со седум играчи со фудбалска топка која била тешка за водење и понекогаш играчите ги користеле двете раце за котнролирање. Се играле две полувремиња од по 45 минути.
Ракометот во Куманово голем подем бележи после Втората светска војна кога клубот го носи името „Металец“ и во првата сезона се пласира во осмина финалето на купот на Југославија. После тој успех голем број на девојчиња започнуваат да тренираат и играат ракомет. Некои од тогашните ракометарки со задоволство се сеќаваат на убавите моменти.
„Кога доаѓаше некој клуб од страна беше пречекан од голем број луѓе на Железничката станица со градска музика, а потоа сите пешачевме три километри до стадионот кај што се играа натпреварите“, „Игравме во Германија патувавме со воз, а Германките пред натпревар со криглите во рака ќе се напијат пиво и потоа играат што на нас ни беше многу чудно“, се потсетуваат поранешните ракометарки од Куманово.
Во долгогодишното постоење на клубот имало и кризни периоди кои биле закана за гасење на клубот но сепак сето тоа е надминато. Во последните години со високо ниво на организација Куманово повторно бележи одлични резултати. После овојувањето на Купот на Македонија за 2019 година во новата сезона бележат само победи и се на првата позиција на добар пат кон целта да станат шампиони на Македонија.
Освен во сениорската конкуренција ЖРК Куманово и во младинска и во кадетска конкуренција по првиот дел на сезоната е на водечките позиции на табелите. Со ова клубот ја заслужи наградата која ја доделува градот Куманово за најуспешен спортски клуб.