После вчерашниот дуел против екипата на Горење во Велење, денеска ракометарите на Металург ќе имаат ден во кој ќе одморат во Словенија, а вечерва се враќаат за Скопје каде што од утре стартува подготовката за реваншот следната недела.
На вчерашниот дуел се виде уште еднаш дека на Металург му се случуваат падови во играта односно кризни десет минути во кои противникот казнува и доколку успее да ги искористи тоа завршува лошо по ракометарите од Автокоманда.
„Натпреварот се игра 60 минути и сигурно има и подеми и падови. Од она што јас го имам како информација уште пред да дојдам како тренер Металург на секој натпревар има драстичен пад на почетокот на второто полувреме. Дали од 31. до 40. или од 35. до 45. минута стандардно е ова да му се случува на Металург. За жал на нас ни се случи да имаме пад од 39. до 48. минута и противникот во овој период успеа да создаде разлика. И ние му помогнавме бидејќи во одбрана дозволивме на познати и подготвени работи да паѓаме во игра еден на еден против познат ривал, а во напад имавме шутеви кои не беа изнудени туку повеќе од психолошки притисок отколку од притисок на пасивна игра“, изјави Кастратовиќ.
Задачата и понатаму е тешка, а сега станува уште потешка бидејќи сега има и негатива од пет гола при мал број на постигнати погодоци.