Ракометарите на Вардар после двата порази во серија од Кил и Веспрем, се враќаат во потребниот ритам и против Мешков Брест имаат предност од 19:17 на одмор. Вардар води со два разлика и најавува победа против тимот од Белорусија.
Почетокот на средбата мина во знакот на ракометарите на Вардар кои поведоа со 2:0, но гостите брзо успеаја да се изборат за израмнување, а тоа се случи во 5. минута. Тука се влезе во период на игра гол за гол, а во таа игра Вардар беше во предност, а Мешков Брест израмнуваше.
Сепак, брзо после ова дојде до ново водство од два гола разлика. Во 9. минута беше 5:3, а потоа гостите се ободуваа да се вратат, но најчесто намалуваа само на еден погодок. Се играше брзо и со многу голови. Голманите одбраните ги имаа на почетокот на средбата, па потоа останаа без можност за запишување на нови интервенции што се одрази и на бројот на погодоци бидејќи имаше висок процент на реализација.
Во 13. минута Вардар го имаше засилено ритамот и тоа допринесе за прва предност од три гола разлика, 9:6. Ова беше знак за тајм-аут кај гостите, а веднаш потоа успеаја одново да дојдат до негатива од само еден погодок. Вардарци, сепак, успеаја да исконтролираат и да останат на плус два, но никако не можеа да зголемат на три гола разлика.
Сепак, после 20 минути игра конечно одбраната почна да дава резултати и да овозможува контри и полуконтри кои во 24. минута донесоа четири позитива и водство од 17:13. Меѓутоа противникот брзо врати, а потоа и среќата беше сојузник на „црвено-црните“ бидејќи беа со ракометар помалку и играа без голман, а Мешков Брест двапати промашуваше, па до крајот на првиот дел остана разликата од два гола и 19:17 на одмор.
Со шест гола најефикасен е Иван Чупиќ, додека пет погодоци има Кристопанс. По три постигнаа Калараш и Скубе, додека по еден погодок имаат Стоилов и Дисингер. Во редовите на Мешков Брест после првото полувреме најефикасен е Паниќ со четири гола, додека трипати прецизни беа Канкараш, Вајлупов и Малус.