Ракометарите на Кил, кои играат во одлична форма последниот месец дена по поразот од Магдебург во Бундеслигата, ги чека тешко гостување во Скопје кај европскиот првак Вардар. Покрај тоа што на теренот ќе го имаат за ривал „црвено-црниот“ тим, како и публиката во СЦ „Јане Сандански“, гостите ќе го имаат и „заморот“ како дополнителен проблем.
Кил в четврток има натпревар од 19:00 часот во Бундес лигата против Нордхорн, а в сабота ќе гостува кај Вардар од 17:30 часот. Разликата меѓу двата меча е 45 часа, па „зебрите“ нема да бидат одморени, ако се знае дека в петок ќе патуваат кон македонската престолнина.
Нема да биде првпат, германските екипи да играат во Бундес лигата в четврток, а потоа натпревари од Лигата на шампионите в сабота. Раководството на лигата не сака да чуе за промени на термини на дуелите на домашна сцена, макар и екипите се дел од ЛШ, па оние што играат во европските купови се принудени некогаш да играат и по три меча за пет-шест дена.
Ваква ситуација имаа избраниците на Филип Јиха и пред дуелот со Веспрем (играа на 19 октомври Бундес лига, на 21 гостуваа во ЛШ), но сепак таму победија со убедливи шест голови разлика. Дали ќе биде поинаку во Скопје останува да видиме в сабота околу 19:00 часот.