Поради учеството во Купот на ЕХФ, ракометарите на Бутел Скопје порано од предвиденото го одиграа натпреварот од 5. коло во Супер машката лига, а на домашен терен беа убедливи против составот на Струга со 32:18.
Уште на почетокот на средбата стана јасно дека тука ќе дојде до висока победа иако тимот на Струга успеваше да се одржи неколку минути.Откако беше 3:3 почна преземањето на иницијативата од страна на домашните. Прво се дојде до 5:3, па откако гостите намалија на 5:4 следуваа шест гола за високи 11:4 кои веќе дадоа сигурност.
До крајот на првиот дел Струга намали до три гола разлика, но на одмор се замина со 14:10.
Овој резултат брзо беше сменет на стартот од второто полувре кога домашните зголемија до 19:10 и тука веќе немаше проблеми до крајот само да се продолжи во ист стил и постојано да се зголемува разликата така што на крајот се стигна до конечни 32:18 со што кризата во играта на стружани продолжува додека Бутел Скопје останува во битка за првото место.
Инаку, Бутел Скопје в сабота го пречекува составот на ЗТР Запорожје во рамки на Купот на ЕХФ.
БУТЕЛ СКОПЈЕ – СТРУГА 32:18 (14:10)
Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.
БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Даскалоски, Димов 1, Младеновски 2, Стојановски, Ѓеоргиевски 1, Божиновски 2, Шокоски 2, Димовски 1, Спасовски 1, Мојсоски 3, Милошевски 2, Миланов 5, Печенковски, Василевски 3, Мајиќ 9.
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 4 мин.
СТРУГА: Стојаноски, Мечкароски, Маркоски 2, Кузманоски 2, Бајрамоски, Наум Костоски, Савески, Јанкуловски 1, Ферукоски, Стрезоски 1, Симоноски 1, Крстаноски 2, Ненад Костоски 2, Трајкоски 2, Кицески, Новаковиќ 5.
Седмерци: -, Исклучувања: 2 мин.