📷Македонија со негатива на полувреме од Шпанија

Женската сениорска репрезентација на Македонија на свој терен против Шпанија го игра третиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024. По 30 минути игра, резултатот е 17:11 во корист за гостинките.

Избраничките на Кристијан Грчевски иако по нерешените 2:2 влегоа во криза и дозволија ривалот да постигне четири гола во низа, сепак, македонската репрезентација со погодоците на Ристовска, Саздовска и Гичевска ја преполови негативата и кон средината на првиот дел намали на 6:5.

Македонија во два наврати не успеа да го израмни резултатот и „црвената фурија“ го казни невниманието на домаќинките, направи мини серија одлепувајќи се на 8:5. Шпанија до крајот на полувремето имаше контрола на резултатот, но немаше голема комоција во играта.

До 25 минута предноста на Шпанија беше два до три гола разлика, потоа во финишот падна ритамот во играта на домаќинките, кои ги зголемија грешките, па така поискусната репрезентација со голови, најчесто од контри, успеа за само две минути да направи серија од 5:0 и на пауза замина со плус шест, 17:11.

Македонија – Шпанија