Ќе налета на тежок ривал: Еурофарм Пелистер 2 може против Шамбери, ѕвездениот Колстад, Ла Риоха…

На првата ждрепка за новата сезона во Лигата на Европа, само еден од трите македонски претставници ќе го добие својот ривал.

Тоа е тимот на Еурофарм Пелистер 2, кој ќе стартува од првото квалификациско коло во второто по ранг клупско европско натпреварување.

Избраниците на Александар Јовиќ се наоѓаат во првиот шешир, но тоа не носи никаква предност во случајов, со оглед на силата на можните ривали.

Младите битолчани може да го добијат францускиот Шамбери, или шпанската Ла Риоха, или можеби данскиот Силкеборг…На листата на можни ривали се незгодните Горњик и Ференцварош, ѕвездениот тим во обид – Колстад од Норвешка, финскиот Кокс, кој беше два пати гостин во Битола на дуели со првиот тим, шведскиот Кристијанштад, австрискиот првак Алпла Хард.

Како најслаба на хартија од сите можни противници, се чини дека е романската Потаиса Турда. Кој и да се падне на ждрепката, нема да може да се нарече добра ждрепка за Еурофарм Пелистер 2.

Ждрепката за ривалот на битолчани ќе се одржи на 19 јули од 11:00 часот, додека Бутел Скопје ќе го дознае својот противник на 6 септември. Третиот претставник од Македонија, Еурофарм Пелистер, има директно место во групата и ривалите ќе ги добие на 6 октомври.

Лига на Европа, прво квалификациско коло:

шешир 1: Еурофарм Пелистер 2, Савехоф, Цирих, Куенка, Тримо Требње, Баја Маре, Драмен, Агуаш Санташ, Констанца, Лемго

шешир 2: Шамбери, Горњик Забже, Ференцварош, Ла Риоха, Силкеборг, Потаиса Турда, Кристијанштад, Кокс, Колстад, Алпла Хард