Јованка Радичевиќ: Најважно е да бидеме здрави!

Во период кога спортот е во мирување поради заканата од ширење на коронавирусот, спортистите, секој на свој начин, и во домашни услови настојуваат да ја одржат формата.

Црногорската репрезентативка, Јованка Радичевиќ, миленичка на македонската публика од периодот кога го носеше дресот на ЖРК Вардар, овие денови ги минува во домот на своите родители во Црна Гора.

„Дома сум, не одам никаде, само на трчање на стадионот во близина на куќата, бидејќи моите живеат на село. Се придржувам и ги почитувам сите препораки, бидејќи сега е најважно да бидеме здрави и да се сочуваме себе си и своите најмили“ – порачува Јованка Радичевиќ.

По распуштањето на шампионскиот тим на ЖРК Вардар, Радичевиќ во 2018 година од Скопје се пресели во ЧСМ Букурешт, а по една сезона во Романија, лани се врати дома во редовите на Будуќност, но како што вели се уште е во контакт со некои од поранешните клупски колешки.

„Па, се слушаме со Ина Суслина. Баш се допишувавме пред неколку дена…“ – открива Радичевиќ.

Јованка Радичевиќ настапуваше за ЖРК Вардар пет години, во најуспешниот период на клубот од 2013 до 2018 година кога вардарки два пати играа во финале на ЛШ во вкупно петте настапи на Ф4 турнирот во Будимпешта, освоија две титули во Регионалната лига и пет шампионски и пет Куп-титули на домашна сцена.