Јиха: Играчите се мотивирани кога играат во „дива“ атмосфера како во Скопје

Вардар иако имаше предност после првите 30 минути од три гола сепак загуби од Кил 26:29 после пресвртот кој го направија гостите од Германија во второто полувреме.

После натпреварот тренерот на Кил, Филип Јиха и крилото Магнус Ландин Јакобсен го прокоментираа натепварот.

„Секогаш е нешто посебно кога се игра тука во Скопје во ваква атмосфера. Секогаш играчите на двете екипи се мотивирани. Многу сум задоволен од второто полувреме, не го започнавме добро првиот дел. Бевме емоционално празни, а една од причините е атмосферата. Додека да се прилагодиме играчите промашија од добри позиции. Не очекував толку слабо издание во првиот дел но веројатно беше така заради составот со кој сме дојдени. Игравме против Вардар кој е многу добар тим и многу сум задоолен од бодовите“, изјави Филип Јиха.

Данецот во редовите на Кил имаше свое видување на натпреварот.

„Секогаш играме со големо задоволство тука во ваква атмосфера. За сите играчи е многу тешко да се игра на овој терен и не секоја екипа може да освои два бода тука. Одигравме две различни полувремиња, пропуштивме многу шанси во првиот дел. На полувреме не бев во соблекувалната и не знам што зборувал тренерот што било клучно за пресвртот. Во второто полувреме нешто се смени и среќен сум што освоивме два бода“, рече Магнус Ландин Јакобсен.

Следен предизвик за Вардар во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај унгарскиот првак ПИК Сегед на 17 ноември.