Јехона со херојски пресврт го грабна цел плен од Свети Николе

Ракометарите на Јехона ја забележаа третата сезонска победа во Првата лига, откако славеа на незгодното гостување во Свети Николе кај составот на Овче Поле со 26-23, и тоа со херојски пресврт во финишот.

Домаќините водеа во 52. минута со 23-22, но до крајот на мечот не постигнаа ниту еден погодок, а тимот од Гостивар погоди четири пати и ги освои трите бода.

Избраниците на Фари Селмани и во првиот дел имаа во неколку наврати предност од четири погодоци, но на пауза водеа со 15-13.

Во второто полувреме Овче Поле направи комплетен пресврт, но домаќините попуштија во решавачките моменти, па може да жалат што останаа со празни раце.

Најдобри стрелци во составот на Јехона беа Тасески со девет, и Живкоски и Николоски со по пет погодоци, додека кај Овче Поле, по четири погодоци постигнаа Крстев и Стаменков.