Јарослав без најдобриот стрелец против Ѓорче Петров?

Екипата на Јарослав од Полска, која е противник на Ѓорче Петров во осминафиналето од Европскиот Куп, пред доаѓањето во Скопје се соочува со големи проблеми.

Како што информираат од клубот, 34-годишната Валентина Нестерук, која моментално е најдобриот стрелец на Јарослав на домашна и европска сцена, заработила повреда на глуждот во вчерашниот натпревар против екипата на Заглебие.

Нестерук важи за алфа и омега во тимот на Јарослав и доколку не настапи на двомечот со македонскиот шампион, тогаш полскиот шампион ќе биде драстично ослабен, со оглед на фактот дека играта зависи најмногу од споменатата ракометарка.

Јарослав претходно се засили со левиот бек од Бразил, Моника Бансилон, додека Ѓорче Петров ја ангажираше голманката од Романија, Жужана Наоми.

Раководствата на Ѓорче Петров и Јарослав се договорија двата натпревари од Европскиот Куп да се играат во Скопје, во салата „Автокоманда“.

Првиот, на кој полскиот клуб ќе биде формално домаќин е на програмата на 13 јануари од 18:00 часот, додека реваншот е утредента исто така од 18:00 часот.