Ѓукиќ за 24 Ракомет: Играме добро едно полувреме, а потоа правиме необјасниви грешки

Ракометарите на Вардар синоќа претрпеа нов пораз, кој беше трет во серија во Групата А во Лигата на шампионите, а натпреварот беше загубен од Кил со 26:29.

Иако 40 минути „црвено-црните“ имаа предност, сепак, на крајот гостите се радуваа на триумф.

„Одигравме едно добро полувреме. Останува голем жалење поради тоа што му дозволивме на Кил да направи шест гола разлика во второто полувреме. Ова беше тежок пораз. Се надевавме на победа и ја посакувавме. Пред ваква публика е грев да се загуби натпревар. Кил е одличен противник, а неговите ракометари, дадоа сè од себе и на теренот не надиграа. Би им честитал на победата, а за нас останува да жалиме и да се надеваме дека ќе биде многу подобро. Сите сме разочарани од повој пораз. Очекувавме мнногу повеќе од второто полувреме, но се случи тоа што се случи. Направивме многу необјасниви грешки и ќе мора да работиме на нивно отстранување“, вели Дарко Ѓукиќ за 24 Ракомет.

Согласен е во фактот дека натпреварот беше загубен на сопствени грешки.

„Самите го загубивме натпреварот. Имавме три гола разлика на крајот од првото полувреме. потоа имавме напад во второто полувреме за плус четири. Не го искористивме и Кил дојде на два. Се држевме некое време на плус два гола. Дефинитивно самите го загубивме натпреварот. Секој направи неколку многу глупави грешки. Вторпат по ред ни се случуваат тие грешки при додавање и веднаш потоа на празен гол противникот нè казнува. Примаме лесни голови бидејќи за тие погодоци воопшто не се мачат туку само нè казнуваат. Мораме да работиме пред сè на себе“.

Како еден момент од причините за губењето на натпреварите го наведува и фактот дека често доаѓа до пад на концентрацијата.

„Искрено се надевам дека можеме да играме на високо ниво и тоа дефинитивно на одредени моменти го покажуваме. Тогаш ни паѓа концентрацијата и нешто се случува, па противникот успева да нè стига и поминува во предност. Тоа се случи и против Монпелје, тоа се случи и сега против Кил“, коментираше Ѓукиќ.

Сега следува одмор поради ЕХФ неделата, а следниот дуел во Лигата на шампионите ракометарите на Вардар ќе го имаат 18 ноември во Унгарија. Тогаш е гостувањето кај Пик Сегед, а веднаш потоа на 25 ноември истиот ривал доаѓа во Скопје. Гостувањето кај Кил ќе биде на 2 декември.