Ѓорѓиевска: Украина не е класа над нас, ако на реваншот одиграме како во вториот дел…

Женската селекција на Македонија загуби од Украина со 24-22 во првиот бараж меч за пласман на Светското првенство 2023 година.

Капитенот Елена Ѓорѓиевска не е задоволна од прикажаното и вели дека причина за поразот се многуте технички грешки и промашени зицери.

„Искрено не сум задоволна, зашто се подготвувавме за секој момент да бидеме дисциплинирани на мечот, да дадеме 200 отсто против еден ривал кој не е ништо над нас. Шансите беа 50-50, но може еуфорија, може премногу желба и направивме многу грешки на почетокот, промашивме многу зицери. Се надевам дека тоа ќе го поправиме до следниот меч, одиме да одиграме добро како во вториот дел и да не се загубиме како во првото полувреме“, вели Ѓорѓиевска.

Таа не се откажува и покрај негативата.

„Ако одиграме како во второто полувреме се надевам дека ќе поминеме. Ќе биде многу тешко, сепак имаме минус и за жал не ја искористивме предноста на домашниот терен за да направиме разлика, но не се предаваме. Шансите се исти, Украинките не се класа над нас. Ќе се бориме и ќе го дадеме максимумот за да се пласираме на СП“, вели Ѓорѓиевска.

Десниот бек посочи дека по мечот имале подолг разговор во соблекувалната.

„Во соблекувалната имавме разговор меѓу нас, да се сконцентрираме малку повеќе зашто имавме премногу технички грешки и избрзани работи, а да бидеме и подисциплинирани во одбраната пред сѐ. Таа ни беше најголем проблем, клучот за вториот дел беше тоа што се подобривме во одбрана, за да направиме резултатот барем да го вратиме во нормала“, заврши Ѓорѓиевска.

Реванш средбата меѓу Македонија и Украина се игра во унгарскиот град Кишварда во вторник со почеток во 17:00 часот.

Македонија се врати од мртвите, но на крај загуби од Украина