Ѓорче Петров не запира со засилувања – потпиша Теодора Дукоска!

Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат. По ангажирањето на Емилијана Ризоска од Феникс и Марија Јанкуловска од Пелистер, раководството на клубот донесе нова македонска репрезентативка во своите редови.

Довчерашната членка на Чаир, Теодора Дукоска, која игра на позиција десно крило и која може да одигра и како десен бек, во новата сезона ќе го носи дресот на Ѓорче Петров. Дукоска во минатата сезона настапуваше за Чаир, клуб со кој забележа настапи и на европска сцена.

18-годишната ракометарка својата кариера ја започна во родниот град, поточно во составот на Стружанка кај тренерот Владимир Паноски, а веќе на 14 години ќе добие шанса да игра за сениорскиот тим на Стружанка. Младата ракометарка на ЕХФ шампионатот во Литванија минатата година, на кој Македонија го освои златниот медал, беше прогласена за најдобро десно крило.

Дукоска на неодамна завршеното СП за кадетки во Македонија се покажа во одлично светло и беше една од ракометарките кои што имаа најголема минутажа во „црвено-жолтиот“ дрес. Со сениорската репрезентација на Македонија настапи на Медитеранските игри во Алжир, каде што исто така имаше забележителен настап.

Претходно Ѓорче Петров ја продолжи соработката со Милица Николиќ и до стартот на новата сезона треба да пристигнат уште неколку засилувања, со што би се комплетирал тимот, кој освен на домашна сцена, ќе настапува и во рамки на во Европскиот Куп.

Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.