Што му „донесе“ корона на ракометот – банкрот, проблем со термини, организациски хаос и намалени плати!

Голем број клубови ширум Европа се наоѓаат во финансиски проблеми поради новонастаната ситуација со коронавирусот. Спонзорите кренаа „рачна“, не се продаваат влезници, нема пари од маркетинг, ТВ права…Поради таквата ситуација члениците на многу клубови се одлучија на мерки со кои играчите ќе мораат да помогнат за да не заминат во историјата.

Германските медиуми пишуваат дека сите клубови од Бундес лигата, освен Рајн Некар веќе се договорени со играчите за да бидат намалени четирите плати за март, април, мај и јуни, а од Ерланген им ветиле на ракометарите дека намалувањето сега, ќе им биде исплатено кога клубот ќе биде во подобра состојба.

Играчите од Фуксе Берлин први го потегнаа овој чекор и се откажаа од 25% од платите, во Мелсунген и Гепинген ќе бидат намалени за 30%, во Вецлар каде што игра Филип Миркуловски процентот ќе биде поголем – 40%, во Балинген на Филип Талески 30%, додека во Магдебург на Филип Кузмановски 20%.

Највисокиот процент на намалување на платите, иронично, ќе биде кај шампионскиот тим на Фленсбург, дури 50%. Во Кил за месец март играчите да ја добијат целата плата, додека подоцна ќе биде одлучено за колкав процент ќе бидат намалени следните три, додека се уште не е јасно како ќе постапи тимот на Лудвигсхафен, каде што игра Мартин Томовски.

Во Франција не е ништо подобра ситуацијата. Веќе седум клубови најавија дека ќе ги намалат примањата на ракометарите за дури 40%. Играчите на богатите Веспрем и ПИК Сегед, ќе добијат четири плати намалени за 20%, односно за 30%. Се чини дека во најголеми проблеми се ракометарите на Барселона, од кои засега нема реакција по најавата дека примањата ќе им бидат намалени за дури 70%!

Како ситуацијата со коронавирусот ќе се одрази врз македонскиот и европски шампион Вардар, засега никој не знае, но како ќе одминува времето, веројатно ќе бидат преземени и некои конкретни мерки од раководството на „црвено-црните“. ЕХФ и ИХФ направија нов распоред на ракомените активности што требаше да бидат на програмата во март, април и мај, но наидоа на многу критики од ракометар(к)ите и клубовите, па се уште не е јасно кога, како и дали воопшто ќе заврши оваа сезона.