Шоштариќ откри зошто ја замени Словенија со Хрватска, ќе може да игра на СП?

Пред извесен период, селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват го објави поширокиот список пред настапот на ,,коцкестите” на Светското првенство во Полска и Шведска, а меѓу потенцијалните кандидати беше и ракометарот на ПИК Сегед, Марио Шоштариќ, кој во својата репрезентативна кариера настапуваше за Словенија, но никогаш не доби вистинска шанса поради големата конкуренција на позицијата десно крило.

Искусниот ракометар на ПИК Сегед во разговор за словенечкиот медиум ,,Екипа24″ истакна дека одлуката да премине од словенечката во хрватската репрезентација ја донесол заради хрватското потекло.

,,Нема негодувања за словенечката репрезентација која сакаше да продолжам да играм за Словенија. Но, мојата одлука за промена на репрезентацијата е од лична причина. Многу луѓе не знаат, но моите родители, брат и сите мои роднини се родени или живеат во Хрватска, па оттука и поврзаноста со Хрватска. Сите беа многу горди и среќни кога ја слушнаа веста. Морам да кажам дека сите мои пријатели и соиграчи многу позитивно ја прифатија мојата одлука”,изјави Шоштариќ за ,,Екипа24″.

Според правилата, Шоштариќ ќе може да заигра за Хрватска откако ќе поминат три години од неговиот последен настап во словенечката репрезентација, што значи дека до 25 јануари нема да има право да се појави во хрватскиот дрес, а Мундијалот во Полска и Шведска започнува на 11 јануари. Хрватите сметаат дека Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ќе им го исполни барањето и тој ќе може да заигра порано.

,,Во моментов го чекаме одговорот на ИХФ за тоа кога ќе можe да настапам за Хрватска. Посакувам и се надевам на позитивен одговор од ИХФ”, заврши Шоштариќ за ,,Екипа24″.

Хрватска и го „украде“ Шоштариќ на Словенија!