Хрватска и го „украде“ Шоштариќ на Словенија!

Репрезентацијата на Хрватска пред настапот на Светското првенство 2023 се соочува со проблеми, бидејќи Мундијалот ќе го пропуштат левиот бек Марко Мамиќ и левото крило Давид Мандиќ, а неизвесни се поранешниот член на Металург, Халил Јагањац, екс ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ и неговиот соиграч од Загреб, Владо Матановиќ.

Хрватска од претходно остана без услугите на голманот Иван Стевановиќ, кој поради повреда не е во можност да биде дел од подготовките и настапот на Светското првенство.

Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват, кој денес го објави поширокиот список за Светското првенство, поради комплицираната ситуација, во која нема премногу избор на позицијата десно крило, одлучи да повика двајца нови ракометари. Станува збор за младиот член на Загреб, Пауло Краљевиќ и словенечкиот ракометар од унгарскиот шампион ПИК Сегед, Марио Шоштариќ.

Поранешен словенечки репрезентативец има хрватски пасош и најверојатно ќе го носи дресот на ,,коцкестите” на Мундијалот во Полска и Шведска. Искусниот ракометар во многу наврати беше изоставен од словенечката репрезентација.

На списокот на Хорват има и играчи кои веќе имаат репрезентативно искуство, како Мате Шуњиќ, Јосип Божиќ Павлетиќ, Лука Шебетиќ, Шиме Ивиќ, Валентино Равниќ, Матео Мараш…

Ракометарите на Хрватска на Мундијалот ќе настапат во група со селекциите на САД, Мароко и Египет. Трите најдобри репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза на СП.

Малер до малер за Хрватска: Јагањац и Чупиќ го пропуштаат Мундијалот?