Шок за Пасквал, Сорендо, Дисингер…Констанца го грабна трофејот во Суперкупот

Ракометарите на Констанца го освоија првиот трофеј сезонава откако го совладаа големиот ривал и шампион на земјата, Динамо Букурешт во Супер купот на Романија со 19:18.

Во израмнет натправар со малку голови Констанца стигна до голема победа, а еден од најзаслужните беше голманот Дан Василе кој беше незовладлив за противниците. Василе имаше одбранети удари над 60% и пет седмерци.

После првото полувреме резултатот беше израмнет 10:10, па победникот се одлучуваше во второто полувреме. Минатата сезона Динамо Букурешт беше убедлив шампион на Романија и освојувач на Купот, додека Констанца заврши на третата позиција а како финалист во Купот играше во Супер Купот.

Иако Динамо е засилен со тренерот Чави Пасквал, Калифа Гедбан, Кристијан Дисингер, Алекс Пасквал, Седрик Сорендо…сепак на првиот значаен натпревар не успеа да стигне до трофејот, а се радуваше балканската колонија во Констанца на чело со екс тренерот на Еурофарм Пелистер, Ѓорѓе Чирковиќ. Во ростерот на освојувачот на Супер Купот беа некогашните членови на битолскиот тим и Металург, Марин Вегар и Марко Бувиниќ.