Шишкарев: Одлуката не беше лесна, но иднината на Вардар е неизвесна

Еден од играчите кој учествуваше во освојувањето на двете титули во Келн во 2017 и 2019 година, Данил Шишкарев во јуни си заминува и ќе го следи патот на неколку свои колеги бидејќи ќе се пресели во редовите на Веспрем.

Тој веќе потпиша договор така што му остануваат неколку месеци од задачата во таборот на „црвено-црните“.

„Одлуката да си заминам од Вардар не беше воопшто лесна. Ниту за мене ниту за моето семејство. Ние сме навикнати на животот во Скопје и во Македонија и навикнати сме со Вардар. За жал, нема ништо конкретно околу иднината на клубот. Во ваква ситуација беше невозможно да се одбие поканата на тим како што е Веспрем. Сепак, дефинитивно ова беше навистина тешко донесена одлука“, коментираше Шишкарев за сајтот на Веспрем.

Тој имаше одлични игри во изминатите сезони и стана еден од ракометарите кои се стандардни. Сепак, неговото име често беше поврзувано со трансфер кој беше реализиран во декември, а официјализиран пред неколку дена.