Шешиќ: Подготвени сме за езерското дерби, бодовите остануваат во Охрид

Охрид и Струга во сабота во рамки на 13. коло од Супер лигата ќе го одиграат вториот дел од езерското дерби. Во првиот дел одигран во Струга подобар беше Охрид, кој во неизвесен и драматичен натпревар славеше со 24:22.

Охриѓани ќе имаат мотивација повеќе за да дојдат до освојување на бодовите, на најдобар начин да се простат од охридската публика за оваа година и да го потврдат местото во плеј-офот.

Десниот бек на охриѓани, Дејан Шешиќ, очекува добар натпревар и бодовите да останат во Охрид.

„Напорно се подготвуваме за натпреварот со Струга бидејќи знаме колку е значајна победата за публиката, за клубот и самиот град. Треба да одиграме добра одбрана за да можеме да дојдеме до лесни топки за контра и полу-контра и да постигнеме лесни голови. Ќе играме максимално ангажирано сите 60 минути, овој пат ќе се обидеме ние да го водиме натпреварот, а не како во Струга кога тие го диктираа темпото. Ќе се обидеме да ги поправиме грешките од тој натпревар и да забележиме победа“, изјави Шешиќ.

Традицијата е на страната на Охрид кој во досега одиграните дуели со Струга, во Супер лигата, ниту еднаш не бил поразен на домашен терен.

Дерби натпреварот помеѓу Охрид и Струга се игра во сабота, 3 декември, во СРЦ „Билјанини извори“, со почеток од 18:30 часот.