Шеваљевиќ: Среде тренинг менувавме план, место за Флензбург почнавме со работа за Пик Сегед

Новиот ракометар на Вардар, Васко Шеваљевиќ полека се адаптира на играта на „црвено-црните“, па како ќе одминува времето така ќе се очекуваат и подобри игри од него во следниот период.

Пред дуелот против Пик Сегед в недела тој вели дека може да се очекува едно подобро издание од вардарци, но и дека морала среде тренинг да го менуваат планот за работа откако дознале дека нема да патуваат ниту за Германија.

„Се подготвувавме за Флензбург и буквално на пола тренинг дојде веста дека тој натпревар е откажан и во меѓувреме моравме веднаш да се пренасочиме со подготовките за средбата против Пик Сегед. Таква е годината и се случуваат вакви проблеми, но што е тука е. За нас професионалците е најважно да играме и да ја работиме нашата работа“, коментира Шеваљевиќ.

За новиот противник вели дека е еден од поквалитетните во Лигата на шампионите и дека нема да биде воопшто лесно.

„Нè чека дуел против Пик Сегед в недела. Вардар мора да оди дома на два бода и тоа е тоа. Гледавме неколку видеа и имаме уште два дена да се подготвиме. Се работи за врвна екипа која на секоја позиција има по двајца одлични ракометари. Во играта е присутен шпанскиот стил на ракомет што е добро познато на сите кои ја следат Лигата на шампионите. Меѓу Вардар и Пик Сегед има некое ривалство што ќе го направи овој натпревар уште поинтересен. Моите очекувања се како и секогаш да одиме на победа и на два бода“, изјави репрезентативецот на Црна Гора, Васко Шеваљевиќ.

Средбата в недела се игра во СЦ „Борис Трајковски“, а очекувањата се вардарци да се обидат да се изборат за позитивен резултат.