Шеваљевиќ најдобар стрелец, Црна Гора загуби дома по десет години!

Репрезентацијата на Шведска денес беше убедлива во Подгорица против Црна Гора и славеше со 32:22 во натпревар од квалификациите за настап на Европското првенство 2022.

И покрај поразот, Црна Гора останува во игра за настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка, а на последниот натпревар од осмата група против Романија треба да одиграат најмалку реми доколку сакаат да се најдат меѓу најдобрите европски репрезентации.

Црногорците пружија одличен отпор во првите дваесетина минути. Иако Швеѓаните имаа водство во воведниот дел, избраниците на Зоран Рогановиќ преку Вујовиќ и Шеваљевиќ стигнаа до 6:5 и водството од еден гол разлика го одржуваа до 18. минута. Шведска на полувреме замина со предност од четири голови разлика, 15:19.

Во второто полувреме, Црногорците немаа многу опции за изненадување. Шведска во 36. минута зголеми на седум разлика, 25:18, додека во продолжението успеа да ја сочува предноста и да оствари убедлива победа. Најефикасен ракометар во црногорската селекција беше ракометарот на Вардар, Васко Шеваљевиќ со шест гола.

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ не успеа да се запише во листата на стрелци. Кај Шведска прв стрелец беше Хампус Ване со 11 гола.

Во последното коло закажано за 2 мај, Црна Гора на свој терен ќе ја пречека Романија, додека Шведска ќе има лесна задача бидејќи во последниот натпревар за противник го има Косово.

Ова беше прв домашен пораз на Црна Гора во квалификациски циклуси за ЕП по цели десет години. Последен пат загубија исто така од Шведска на 8 јуни 2011 година, а во меѓувреме ги победуваа Чешка, Србија, Германија, Данска…