Шведска и Шпанија со сигурни игри до нови победи

Репрезентацијата на Шведска во првиот натпревар од втората фаза забележа победа против Унгарија со 37:28 (18:14). Пред домашната публика во Гетеборг шведските ракометари немаа проблем со Унгарците. Првата посериозна предност Шведска ја стекна по 15-тина минути игра кога за првпат поведе со четири разлика (9:5). Најзаслужни за оваа предност беа голманот Паличка со неколку одбрани и левото крило Ване кој имаше 5/5 реализација во првиот дел.

На почетокот на второто полувреме Унгарија пропушти шанса да намали на два разлика (во два наврати), а потоа Шведска предводена од извонредниот Паличка (вкупно 15 одбрани) го зголемуваше водството. Унгарија цели седум минути не постигна гол и во 53.минута Шведска за првпат имаше и двоцифрено водство (35:25). Најефикасен на дуелот беше Хампус Ване со 9 голови.

На дуелот во Краков Шпанија – Полска 27:23 (16:15). „Црвената фурија“ подобро го почна натпреарот и имаше минимално водство, но сепак ко-домаќинот Полска успеа да стигне до изедначување и резултатот беше нерешен дури шестпати до 20.минута, последен пат 11:11. Тогаш Шпанија направи серија од 4-0, но до крајот упорните полски ракометари се изборија за еден негатива.

Вториот дел почна со подобра игра во одбраните и по осум минути двете репрезентации имаа постигнато по еден гол. Кај Шпанија во вториот дел на голот застана Перез де Варгас, кој за 15 минути имаше шест одбрани од осум удари и не дозволи Полска резултатски да се доближи. Тоа го искористија неговите соиграчи за највисоките 23:18. Најефикасен на натпреварот беше полскиот играч Шичко со 7 голови.

Со победите остварени вечерва Шведска и Шпанија направија чекор поблиску до четвртфиналето, додека Полска веќе нема шанси за влез меѓу осумте најдобри.