Шампион со осум играчи немаше шанси против Младост во Богданци

Ракометарите на Младост Богданци рутински ја остварија седмата победа во групата А од Првата лига откако на домашен терен без проблеми ја совладаа екипата на Шампион со 31:15. Гостите беа само со осум играчи на овој натпревар и не можеа да направат нешто повеќе.

Победникот беше познат уште по првите 30 минути, a Младост лесно се справуваше со противничката одбрана и лесно постигнуваше голови. Шампион имаше проблеми со реализацијата, постигна само пет гола за 30 минути и имаше негатива од 17:5.

Во второто полувреме Младост одигра толку колку што беше потребно против десеткуваниот противник и запиша нови бодови. Со овој триумф екипата од Богданци го одржа чекорот со Вардар Неготино на врвот на табелата.

Најефикасен во тимот на Младост Богданци беше Илија Чрчев со шест погодоци, а четири постигна Стојанче Наумовски. Во екипата на Шампион најмногу се истакна Андреј Канг со шест гола.