Чупиќ: Подобро да не играме ако биде вака – дали Вардар ќе го третираат како богатите ако има сличен проблем?!

По поразот од Мешков Брест, ракометарите на Вардар не успеаја да одиграат втор натпревар од Лигата на шампионите. Дуелите со Елверум и ПИК Сегед беа одложени, па вардарци до следниот двобој против Фленсбург на 15 октомври, ќе имаат цел месец пауза.

Десното крило Иван Чупиќ вели дека одложувањето на некои натпревари од елитното натпреварување нема смисла и не носи ништо добро.

„Тоа нема никаква смисла, работиме, тренираме и зависиме од ситуацијата. Подобро воопшто да не се игра ако е вака, бидејќи не е регуларно. Жалосно е што на сето ова молчат клубовите и играчите, тоа никако не е во ред, бидејќи на крај тоа нив ќе им се одбие од глава со ваков ритам на играње. Клубовите од ЕХФ не добија ништо за поддршка во време на корона кризата, а со ваков однос од нивна страна, работата само им се отежнува“, вели Чупиќ.

Лавина реакции предизвика откажувањето на средбата со Елверум, иако немаше пречки да се одигра.

„Разбирам се, ја респектирам ситуацијата. Ако има 20 негативни тестови на двете страни, ако се тестирани сите инволвирани, не гледам зошто не може да се игра натпревар пред празни трибини. Кој би можел да биде загрозен? Во Келце на пример имаше публика. Ако на некој клуб му фали играч, тоа не може да биде причина за одложување. Лани јас и Дибиров игравме како бекови, имавме проблеми, па на никој не му падна на памет да одложува натпревари. Средбата во ПИК Сегед е одложена поради Матеј Габер, кој има коронавирус. Респект за него, но тоа нема врска со ништо. Значи Сегед може без осум играчи во Келце, а против нас не може. Будуќност може да игра без 11 играчи во Копривница и против ЦСКА Москва, а други не можат. Каква врска има тоа со регуларност. Какви се тие правила кога еден клуб ја жртвува сезоната, а другите не се ни трудат да го почитуваат тоа. Зошто има различни критериуми за клубовите. Ако ЕХФ не е способен сам да го регулира натпреварувањето, нека се сврти кон УЕФА и нека ги копира. Зошто Елверум не може да дојде во Скопје, а можат Хајдук и Тотенхем, затоа што Норвежаните ја имаат Македонија на црвена листа. Па каква врска има тоа со нас, ако имаме 20 негативни тестови. Зошто воопшто тогаш се тестираме и трошиме пари. Тоа нема смисла и мора нешто да направиме“, продолжува Чупиќ.

Можно е да дојде ситуација кога во последното коло поради корона ќе се бараат одложувања, а нема да биде можно, бидејќи ќе следуваат другите фази од натпреварувањето.

„Ќе има ситуација кога во последното коло поради корона некоој ќе бара одложување, а ќе му речат дека не може бидејќи натпреварувањето мора да продолжи понатаму. А зошто да не може тогаш, ако може сега. Кога ќе се одиграат сите заостанати средби? Ако нас ни случи сличен проблем, се сомневам дека ќе не третираат како богатите. Тоа не е во ред и жал ми е што сите молчат и гледаат. Јас сум стар, не играм нон-стоп, малку играм, малку не, ама другите…Ќе го изгубиме ракометот, тоа е сигурно, бидејќи не го штитиме, бидејќи нема исти правила за сите“, заврши Чупиќ.

Следен натпревар Вардар треба да игра против Мотор Запорожје на 10 октомври, додека во ЛШ на 15 октомври треба да се сретне со Фленсбург.