Чупиќ: Во Вардар бев ракометар, а се чувствував како фудбалер – тоа што го доживеав таму, нема да се повтори!

Хрватот Иван Чупиќ во македонскиот шампион Вардар мина пет сезони и стана клупска легенда.

Десното крило со „црвено-црниот“ тим освои две европски титули во ЛШ, како и три во СЕХА лига, а исто толку и во македонската Суперлига.

Престојот во Скопје и Македонија му буди само убави спомени, а за времето минато во Вардар се потсети на гостувањето во хрватскиот подкаст „Инкубатор“.

„Македонија е една од ретките држави и Скопје еден од ретките градови каде ракометот е спорт број еден, па потоа фудбалот и другите спортови. Тоа доволно говори за нив. Во Македонија си ракометар, ама се чувствуваш како фубалер. Не говорам за пари, туку за салите, навивачите, целата атмосфера…во тоа време кога бев во Вардар, кој и да дојдеше, па си одеше, кажуваше дека тоа го доживеал сега и никогаш повеќе. Такво нешто во ракометот нема да има сигурно уште долго. Сон е да играш во таков клуб како Вардар, затоа што секој ден, секој тренинг, секој меч е следен, полна сала, навивање, исчекување, луѓето те среќаваат и застануваат на улица, прашуваат за карти, ти доаѓаат пред куќа да слават…Кога излегуваш на терен си максимално исполнет, за тоа работиш цел живот и сега во еден момент, го доживуваш тоа. Така ние играчите на Вардар живеевме четири-пет години во Скопје и сигурно дека од таква атмосфера и од таков клуб е тешко да си одиш. Но, на се што е убаво му доаѓа крај, па така и на тоа“, вели Чупиќ.

Членот на Загреб се потсети и на прославите на плоштадот по освоените титули во Лигата на шампионите.

„И за првата и за втората европска титула имаше луди прослави. Кога ќе те дочека Скопје, 100.000 луѓе, како да биде…потребни ни беа четири часа да се пробиеме до центарот на градот. Ние бевме на врвот на Европа, но се чувствувавме како да сме на врвот на светот. Такво нешто кога ќе доживееш, ти останува за цел живот, дотогаш сме гледале само на ТВ некои пречеци на фудбалери. Сите бевме фасцинирани. Тоа е уште еден доказ колку цело Скопје живее за Вардар. Многу беше важно што бевме блиски со навивачите, кои плаќаа карти, навиваа и се молеа за нас. Имаше семеен дух и позитивна енергија“, продолжи Чупиќ.

Тој уште еднаш го потенцираше силниот тимски дух, и дека во соблекувалната се решавале сите проблеми.

„Сите поединечни и екипни проблеми се решаваа во соблекувалната и навистина имаше тимска хемија. Тој дел функционираше одлично. Капитенот Стоилов секогаш ги држеше конците во свои раце, како вистински капитен, и кога играше и кога беше повреден. Тој не е само икона на Вардар, туку и на Македонија, секогаш се му беше подредено на клубот. Бев близок и со нашите Карачиќ и Циндриќ, па Шишкарев, Дибиров и Горбок…“, заврши Чупиќ.