Чупиќ: Вардар заслужи да чекам до последен момент и да останам во клубот

Ракометарот чија рака е сигурна кога е најмногу потребно и знае да погоди за да биде освоена титула, Иван Чупиќ и во новата сезона ќе го носи дресот на Вардар.

Тој во интервју за порталот handballfast.com објасни зошто останал меѓу „црвено-црните“ и во новата сезона и колку било тешко да донесе одлука околу останувањето.

„Менаџерот на Динамо Букурешт ми се јави два или трипати. Сепак, реков дека до средината на мај нема да можам да донесам никаква одлука. Мислам дека Вардар заслужи да почекам. И тогаш одлучив да останам во Скопје и учтиво го одбив Динамо“, вели Чупиќ.

Ракометарот од Хрватска смета дека и новата постава на Вардар е способна за висок дострел бидејќи ќе има квалитетни ракометари.

„Самсоненко му даде сè што можеше на овој клуб. Промените се случија доцна, во мај-јуни, кога немаше многу време за да се направи подобра подготовка за новата сезона. Буџетот сега е помал, но и во вакви услови имаме добри ракометари во составот така што сигурно ќе се бориме против сите“, коментира Чупиќ.

Тој ќе задоцни неколку дена на подготовките, но ќе се приклучи веќе следната седмица така што ќе има можност да го одработи главниот дел од тренинзите заедно со колегите.