ЧСМ Букурешт не може да се помири – ќе се жали на Арбитражниот суд за одлуката на федерацијата!

Директорката на ЧСМ Букурешт, Габриела Сабо планира да се обрати до Меѓународниот арбитражен суд затоа што Ракометната федерација на Романија одлучи да не прогласи победник во првенството.

Во Романија сезоната беше прекината без прогласување шампион, а федерацијата одлучи учесник во Лигата на шампионите да биде водечкиот на табелата Валчеа. Во гостувањето на романската телевизија Телеком Спорт, Сабо истакна дека одлуката на федерациајта е неправедна.

„Ги разгледавме околностите со нашите адвокати и ќе ја проучиме одлуката. Сметаме дека ќе ја оспориме оваа одлука на Спортскиот арбитражен суд. Инвестираме пари, а се донесуваат одлуки кои за некој се штетни, а за други корисни“, рече Сабо.

На состанокот на бордот на директори на ЧСМ Букурешт, од кабинетот на градоначалникот најавија дека ќе поддржат тужбата до арбитражниот суд. Валчеа доби место во Лигата на шампионите бидејќи беше прва на табелата со повеќе одиграни натпревари од ЧСМ иако во меѓусебниот дуел загуби, додека ракометарките на ЧСМ беа со максимален учинок во сезоната.