ЧСМ Букурешт не запира со засилувања – потпиша со репрезентативка на Франција!

Поранешниот европски шампион ЧСМ Букурешт продолжува да се засилува за следната натпреварувачка сезона.

Нова ракометарка во редовите на романскиот тим ќе биде репрезентативката на Франција, Лаура Флипес, која ќе ја зголеми француската колонија во ЧСМ Букурешт, со оглед на тоа дека во тимот настапуваат нејзините сонароднички Грас Заади, Калидиату Ниакате и Лора Глосе.

Французинката имаше одлични партии на Европското првенство 2022, на кое Македонија заедно со Словенија и Црна Гора беа ко-организатори на континенталниот собир.

Флипес од 2020 година го носи дресот на Париз и со раководството на ЧСМ Букурешт се договори на двегодишна соработка. За репрезентацијата на Франција настапува од 2016 година.

ЧСМ Букурешт за следната сезона ги ангажираше десниот бек Моника Коблинска од Брест Бретањ, потоа кружниот напаѓач Вилде Ингштад од Есбјерг и левото крило од Рапид Букурешт, Џенифер Гутиерез.

Од клубот на лето ќе си заминат двете екс ракометарки на Вардар, Андреа Кликовац и Сираба Дембеле, репрезентативката на Норвешка, Марин Ауне и црногорската репрезентативка Ема Аливодиќ.