Чешка остана без одличниот голман – Мартин Галиа го пропушта ЕП

Репрезентативниот голман на чешката репрезентација, Мартин Галиа поради повреда ќе го пропушти Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Искусниот голман заработи повреда на коленото во натпревар од рамките на шампионатот на Полска, во кој неговиот тим, Горњик Забже славеше против Стал со 35:27.

Тоа значи крај на неговата богата кариера на репрезентативно ниво бидејќи самиот голман најави пензионирање од националниот тим по завршувањето на Европското првенсво во Унгарија и Словачка.

„Веќе е јасно дека нема да играм на Европското првенство. Следната недела ќе имам операција, скинати се лигаментите. Но, во јануари сакам да бидам со тимот. Можеби ќе бидам на клупата како еден од помошниците на главниот тренер на мојата репрезентација“, изјави Галиа.

Репрезентацијата на Чешка на Европското првенство 2022 се наоѓа во Групата Е. Противници на избраниците на Растислав Тртик се репрезентациите на Шведска, БиХ и Шпанија.