Четворица македонски репрезентативци ќе го носат дресот на Охрид

Амбициозната екипа на Охрид денес ги претстави, односно промовираше дел од новите засилувања за натпреварувачката сезона 2023/24.

Како што е веќе познато, нов голман во тимот на Охрид ќе биде довчерашниот македонски интернационален Даниел Ѓорѓески, додека клубот ќе биде посилен со двајцата членови од Еурофарм Пелистер, Гоце Ојлески и Милорад Кукоски, како и со Никола Стоилевски, кој редовите на Охрид ги засили од вториот тим на новиот македонскиот шампион.

Очекувањата се дека новите засилувања ќе донесат „нова вредност, прецизна рака и силна одбрана“.  Тимот на Охрид дефинитивно ќе има поконкурентен тим за новата сезона, во која ќе посакува историски успех на домашна сцена, но и пласман во Европа.

Охрид претходно го ангажираше грузискиот репрезентативец Теимураз Орјоникидзе, потоа искусниот хрватски интернационалец Звонимир Сафранко и младиот голман од Борац Бања Лука, Берин Бркиќ.

Раководството на клубот им се заблагодари на петмина ракометари кои сезонава играа: Александар Миленковиќ, Зураби Цинцадзе, Виктор Василевски, Балша Цејовиќ и Хазеин Рустамов.

Покрај промените во играчкиот кадар, наскоро се очекува ново име на клупата на охриѓани.