Червар: Покрај Хрватска, моите мисли се со Македонците – ќе навивам и за нив на СП!

Машката македонска репрезентација утре го започнува настапот на Светското првенство во Полска и Шведска.

Поранешниот селектор на Македонија, а сега координатор на сите селекции на Хрватска – Лино Червар, вели дека ќе биде со мислите со Македонија на СП.

„Драго ми е што многу играчи што јас ги тренирав сега играат во репрезентацијата и тоа ме прави горд на мојата втора татковина – Македонија. Сега кога бев на предавање во Скопје бев испочитуван многу, веројатно оставив таму дел од мојата работа. Секако дека покрај Хрватска, моите мисли и амбиции, и навивање се за Македонија“, вели Червар.

Тој вели дека иако Македонија нема фаворитска улога, не треба да има респект за сите ривали, кои на терен ќе мора да покажат дали се подобри.

„Мора многу да се работи. Македонија можеби не е фаворит против ниту еден ривал во групата на СП, но не треба да се има и премногу респект за противниците. Ракометарите треба да се веруваат во себе, а ривалите ќе мора на теренот да ни покажат дека се подобри. Македонија со таков тренер како Лазаров, многу амбициозен, и играчи што имаат голем ентузијазам, ќе биде незгодна за сите. Треба да се оди на СП со верба дека може, но сепак мора да останеме скромни и да дадеме се од себе“, вели Червар.

Хрватскиот стратег вели дека не знае што би работел да не е ракометот.

„Јас не мирувам, веќе напишав книга на која работев по десет часа дневно. Го гледам ракометот од малку поинаква страна – како ги замислувам тренинзите, како ги замислувам врвните тренери и иднината на ракометот, а токму со ова беше поврзано моето предавање во Скопје. Не мирувам, тоа ме држи витален, не знам што би работел ако не е ракометот. Координатор сум на сите хрватски селекции, но истовремено работам на себе. Човек треба да работи на себе додека е жив“, заврши Червар.

Червар ја водеше Македонија на едно големо натпреварување – СП во Франција во 2017 година кога нашата селекција беше елиминирана во осминафиналето од Норвешка.