Чаневски: Не знаеме до каде сме, но одиме да се надигруваме со ГОГ Гудме

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во вторник ќе го одиграа првиот официјален натпревар од новата сезона.

СЕХА лигата не е започната се уште, а првиот дуел од Лигата на Европа беше одложен.

Вториот против ГОГ Гудме треба да се игра во Данска во вторник, а капитенот Градимир Чаневски вели дека предноста на ривалот е тоа што веќе е во натпреварувачки ритам.

„Имавме доста време да се подготвиме. Ни недостигаат натпревари и самото одложување на СЕХА лига и на натпреварот против Татабања направи да патуваме во Данска без ниту еден одигран дуел. Тие се во натпреварувачки ритам, првенството им е до половина одиграно и одиграа еден натпревар во Европа, во Швајцарија. Одиме да се надигруваме, се подготвуваме, но не знаеме до каде сме сè уште“, вели Чаневски.

Голманот на битолчани вели дека ривалот е доволно анализиран и дека отсуството на главниот среден бек може да биде предност, затоа што имаат млади што ќе сакаат да се истакнат.

„Отсуството на Олсен за нив е хендикеп во една смисла, но во друга смисла е предност. Имаат многу млади ракометари, данската школа е одлична. Ги анализиравме и се спремаме за нив“, заврши Чаневски.

Натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер се игра во вторник во 18:45 часот.