Чаневски и Мандалиниќ едногласни: Ќе го дадеме максимумот за титулата да дојде во нашите витрини

Утре започнува завршниот турнир во Купот на Македонија и не очекуваат два интересни полуфинални двобои.

Вардар ќе се соочи со Металург, а Еурофарм Пелистер го чека дуел со Бутел Скопје. Битолчани се едногласни во намерата да го донесат трофејот во Битола.

„Имаме време да се подготвиме и ќе треба да ги одработиме двата натпревари доста сериозно. Благи фаворити сме против Бутел, но се стремиме кон финалето, да одиграме максимално и да го донесеме пехарот во Битола. Се надеваме дека ги научивме поуките од поразот од Вардар во шампионатот. Тоа треба да го покажеме на терен. Кога сте комплетни е многу поразлично и ротацијата е подобра. Сите ќе го дадат максимумот за титулата да дојде во нашите витрини“, вели капитенот Градимир Чаневски.

Хрватот Стипе Мандалиниќ е радосен што конечно екипата е комплетна.

„Сите екипи во Купот имаат свои шанси. Првиот натпревар е Бутел и се спремаме за тој натпревар, па потоа ќе видиме што ќе биде. Секако дека гледаме шанса во Купот, квалитетна екипа сме, добро работиме и се подготвуваме и ќе видиме што ќе донесе Ф4 турнирот. Сите клубови имаа проблеми со ковид, нè стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се спремиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, вели Мандалиниќ.

Дуелот меѓу Вардар и Металург се игра утре од 16:30 часот, додека оној меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје е на програмата од 19:00 часот.