Чаир на максимум, победнички се враќа од Битола

Екипата на Чаир по обврските во Европскиот куп се врати со настапите на домашна сцена и во рамките од заостанатиот натпревар од 5. коло во Женската лига славеше на гостувањето во Битола кај Пелистер со 42:35.

Чаирчанки со головите на Дукоска, Дамчевска и Петковска имаше водство од 3:0 за само две минути игра. Домаќинките постигнаа два гола во низа откако претходно беа неуспешни во своите акции. По пет минути игра, Чаир водеше со 3:2.

Ракометарките на Пелистер никако не дозволуваа нивниот противник да создаде поголема предност, заостануваа на два гола негатива, а по петнаесетина минути игра имаа минус еден, 6:7. До крајот на првото полувреме, избраничките на Басри Латифи сериозно ја сфатија работата и заминаа на пауза со солидна предност од 19:13.

Во второто полувреме дојде до израз квалитетот на двете екипи. Се зголемија техничките грешки кај домашниот состав, додека екипата на Чаир полека ја градеше својата предност. По десет одиграни минути во вториот дел, водството на гостинките беше 25:18. Ракометарките на Чаир во преостанатите дваесетина минути доминираа на теренот и заминаа со победа која беше изразена со седум гола разлика, 42:35.

Најефикасна во победничката екипа беше Мирјана Петковска со девет гола, втор стрелец беше Леонора Рахмани со седум гола во мрежата на противникот. Во битолската екипа стрелците ги предводеше Марија Јанкуловска со 13 гола. Во Групата А од Женската лига, Чаир има максимален ефект, пет победи од исто толку одиграни натпревари. Составот на Пелистер моментално се наоѓа на третото место со девет освоени бода.