Чаир ги грабна бодовите кај Скопје во меч со 21 пенал!

Продолжува победничката низа на ракометарките на Чаир во Женската лига. По триумфот над Шампион, избраничките на Басри Љатифи беа подобри и од Скопје на гостински терен со 37-31.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога Чаир направи висока залиха, а интересен факт е што на овој дуел имаше дури 21 пенал, од кои беа реализирани 17.

Гостинките од Чаир уште по првите десетина минути најавија дека се дојдени по целиот плен и поведоа со 9-3. Домаќинките ја преполовија негативата и успеаја да намалат на 10-7, но повторно им попушти концентрацијата во финишот на полувремето, па Чаир пак стигна до плус шест, 21-16.

Тренерот на гостите во вториот дел комбинираше со ростерот, им даде шанса на повеќето ракометарки. Чакаидзее доби црвен картон на пет минути до крајот, но тоа не се одрази на резултатот, па Чаирчанки само рутински ја довршија задачата.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Леонора Рахмани со седум и Марија Николовска со шест погодоци, додека во составот на Скопје, Јасмина Попова беше најдобар стрелец со осум гола.