Чаир во распродадена Автокоманда ќе брка победа против Макаби Аразим!

Тимот на Чаир утре го очекува првиот натпревар од третата рунда во Европски Куп против израелскиот Макаби Аразим Рамат Ган. Салата Автокоманда каде што утре од 18:00 часот ќе се игра мечот е веќе распродадена и сите 600 билети што беа пуштени во продажба се продадени.

Макаби Аразим во првото коло го елиминираше составот на Куманово и двата натпревари против македонскиот ривал му послужија и на Чаир за анализа пред двомечот со поискусниот ривал.

Екипата на тренерот Басри Латифи, пред овој меч славеше на дербито во Женската лига против Чаир и со уште поголема мотивација влегува во европскиот дуел.

„Натпреварите на Куманово со Макаби Аразим ни послужија како добра анализа и подготовка за дуелите со Куманово од Женската лига и за овој дуел што не очекува со израелскиот тим. Првиот нивни двобој беше многу добро анализиран и се надеваме да постигнеме добар успех, што значи да победиме или да биде тесен резултатот. Ќе има многу публика, ќе ни бидат осми играч на теренот“, вели Латифи.

Од Чаир фаворитската улога ја препуштаат на ривалот, но велат дека шансите се 50-50.

„Фаворитската улога им ја препуштаме на противничките, бидејќи тие се поискусни со ракометарки што играле во Лигата на шампионите и во другите европски купови. Играат подолго време заедно, но како што го гледам квалитетот шансите се 50-50. Наша шанса гледаме во тоа што тие се повозрасна екипа, главните играчи им се над 30 години, бавни се при враќање, а играат преку бекови и пивот. Не играат многу позиционо со крила, а полуконтрите им се побавни и мислам дека тука ќе биде нашата шанса. Ние се концентрираме на брза игра, брзата транзиција, на полуконтра и контра, која ја тренираме и ќе ни биде силна страна, и мислам дека ќе вроди со плод. Но можеби ќе не изненадат со некоја побавна игра, но нашите квалитетни крила ќе дојдат до израз и да завршуваат акции“, продолжи Латифи.

Салата во Автокоманда утре ќе биде преполна и ќе се бара место повеќе за сите љубители на ракометот.

„Во продажба беа 600 билети, нема веќе билети, и ќе се игра во салата во Автокоманда. Има голем интерес, но капацитетот на салата е ограничен, ќе бидеме во позитивни проблеми и ќе пробаме сите навивачи да можат да го следат натпреварот. Очекувам многу добра атмосфера за уште подобар натпревар, што ќе се пренесува на МТВ 2“, заврши Латифи.

Мечот меѓу Чаир и Макаби Аразим Рамат Ган се игра утревечер со почеток во 18:00 часот во Автокоманда, а преносот ќе биде на МТВ 2.