Чаирчанки со пораз на дебито во Европа, едно добро полувреме премалку против Наиса

Составот на Чаир претрпе пораз од 26:41 на првиот натпревар против Наиса одигран на домашен терен во СРЦ „Кале“. Со ова практично победникот во овој двобој од Европскиот куп беше решен уште после првото полувреме така што реваншот во Ниш ќе биде само формалност следниот викенд.

Почетокот на средбата донесе одлична игра на ракометарките на Чаир. Влегоа храбро во натпреварот и набрзина постигнаа два гола. Овие два гола предност ги одржуваа до 5. минута кога имаа 4:2. Сепак, она што беше добро во овие пет минути како да го снема наеднаш и во обид да се дојде до брзи погодоци се грешеше што отвораше простор за составот на Наиса.

Во 12. минута резултатот доби поинаков тек бидејќи со 4:0 гостинките од Ниш го свртеа натпреварот во своја корист. Успеаја да дојдат до два гола позитива, но ракометарките на Чаир останаа во игра. Продолжија да намалуваа на еден гол и така беше до средината на првото полувреме.

При 6:7 дојде одново до желба да се надомести и да се сврти резултатот. Во таква игра се грешеше одново и им се отвори простор на противничките ракометарки за зголемување на водството. Серијата од 5:0 за Наиса ја донесе најголемата предност од 12:6 во 19. минута и тука како да се губеше чекорот со противникот.

Во целата ситуација добриот момент беше што чаирчанки не се откажаа. Напротив продолжија да се борат и успеаја да се вратат одново односно од минус шест да стигнат до минус два гола на одмор и да имаат 15:17 после првите 30 минути.

Овој дел од средбата Анастасија Николовска го заврши со девет погодоци со кои беше убедливо најефикасна, а пет од нив беа од линијата од седум метри.

Во второто полувреме, сепак, неискуството на вакви натпревари дојде до израз. Гостинките знаеја како да ја исконтролираат средбата односно како брзо да го одлучат победникот бидејќи успеаја да стигнат до предност од десет разлика на средината на вториот дел. Поведоа со 30:20 и тука практично веќе беше јасно дека Чаир веќе нема да може да се врати во средбата.

Со оглед на тоа што дел од ракометарките играа од стартот беше за очекување и да има повеќе грешки и промашувања, а тоа се одразуваше на играта. Не можеше да се следи ритамот на противникот, па до крајот разликата порасна и до 15 гола за конечни 26:41.

Ова беше победничко гостување за македонските репрезентативки Ивана Гакидова и Симона Стојановска кои со ова се веќе сигурно пласирани во следната рунда од Европскиот куп.

ЧАИР – НАИСА                26:41 (15:17)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Судии: Марина Дупли и Олена Победрина од Украина. Делегат: Ацо Николовски од Македонија.

ЧАИР: Кицеска (12 одб.), Сали, Мисовска, Динарица 0/2, М. Николовска 4/6, Божиновска 2/5, Бакиќ 2/3, Зам. Рамуко 1/2, Рахмани 3/6, Зана Рамуко, Мартиновска 1/1, Шериф, Реџеп 1/2, Костадиновска 0/2, А. Николовска 12/19.

Седмерци: 6/9, Исклучувања: 10 мин.

НАИСА: М. Петковиќ (5 одб.), Ивановиќ (10 одб.), Митиќ (2 одб.), Т. Петковиќ 0/2, Ѓуровиќ 0/2, Радовиќ 1/3, Стојановска 5/6, Т. Петковиќ 4/7, Станковски 2/4, Стаменковиќ 4/4, Николиќ 4/7, Филиповиќ 10/10, Рајковиќ 1/1, Сукур 4/5, Ташиќ 4/4, Гакидова 1/1.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 8 мин.