Црногорците останаа без уште еден десен бек, нема да игра и против Македонија

Репрезентацијата на Црна Гора за натпреварот против Македонија, кој се игра утре од 18 часот ќе биде ослабена бидејќи во составот нема да биде десниот бек, Стефан Чавор.

Клупскиот колега на Филип Миркуловски од Вецлар на ПЦР тестирањето пред дуелот со Данска добил позитивен тест, па поради тоа мораше да го пропушти натпреварот и со Данците и да се пресели во карантин.

Тоа значи дека Чавор нема да настапи и против Словенија. Доколку неговата репрезентација обезбеди евентуално учество во втората фаза и доколку биде негативен на Ковид 19, тогаш би можел да им се придружи на своите колеги од репрезентацијата.

Претходно, споменатиот ракометар беше негативен пред заминувањето за Дебрецин. До овој момент, сѐ уште позитивни во црногорската репрезентација се средниот бек Стеван Вујовиќ, пикерот Небојша Симовиќ, како и селекторот Зоран Рогановиќ.

Црна Гора за противник во второто коло од групната фаза ја има селекцијата на Македонија. Црногорците во првиот натпревар од ЕП беа поразени од Данска со 30:21.