„Црвено-црните“ се светски бренд: Запознајте го Вардар Мексико од Монтереј! (ФОТО)

Познато е дека за европскиот шампион Вардар одамна се слуша надалеку во светот, ама уште повеќе македонскиот тим го запознаа и во Јужна Америка, кога во Мексико беше формиран тимот Вардар Мексико.  Клубот ги има истите бои и како нашиот Вардар, а почна со настапи во 2017 година во градот Монтереј.

„Кога Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2017 година, тоа беше инспирација за нас. Откако станаа победници, клубот стана многу популарен и ние научивме многу за него, за неверојатните фанови и за прекрасната држава Македонија. Се вљубивме во Вардар и ова беше причината да го создадеме Вардар Мексико. Со тоа што и годинава Вардар ја освои ЛШ, уште повеќе си го зацврсти местото меѓу најдобрите светски клубови“, објаснува Хозе Мата Гомез, основачот на Вардар Мексико.

Вардар Мексико се натпреварува во Првата дивизија на Мексико и имаат само сениорска екипа, но во иднина се планира формирање на повеќе машки и женски тимови во младинските конкуренции. Мата Гомез и неговите соиграчи секогаш ги следат натпреварите на Вардар во Лигата на шампионите на телевизија и веруваат дека и покрај лошите резултати, сезоната ќе биде позитивна за Вардар.

„Вардар се уште има силен тим и покрај подемите и падовите, мислам дека може да се бори за титули во сите конкуренции. Нормално е да има по некој лош резултат, но ние сме убедени дека и добрите ќе дојдат наскоро“, вели Мата Гомез.

Ракометот не е спорт што има главно место меѓу спортовите во Мексико, но неговата популарност расте во последно време. Како што се развива, така се зголемува и бројката на ракометари, како и на стории за ракомет низ медиумите.

„Ракометот во Мексико се уште е на аматерско ниво, но се игра низ училиштата. Имаме национални тимови во двете конкуренции, а и најдобрите универзитети имаат свои ракометни екипи. Имаме играчи што имаат искуство во Европа. Мексико станува сериозен ривал на северно и средно американските првенства, и се надеваме дека во иднина ќе стане еден од нашите главни спортови“, заврши Мата Гомез.

Повеќе за тимот на Вардар Мексико може да дознаете на нивните профили на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.