Циципас го шокираше Ѓоковиќ и му ја доведе во прашање првата позиција на АТП Листата

Стефанос Циципас се пласираше во полуфиналето на Мастерс турнирот во Шангај откако во четвртфиналната рунда го совлада Новак Ѓоковиќ.

Грчкиот тенисер беше подобар од Ѓоковиќ со 2:1 по сетови (3:6, 7:5, 6:3) и со тоа си закажа полуфинален двобој со рускиот тенисер, Данил Медведев кој го доби Фабио Фоњини во два сета.

Новак Ѓоковиќ со оглед на фактот што беше бранител на титулата во Шангај, следниот понеделник ќе има само 320 бодови повеќе од Рафаел Надал кој до крајот на сезоната нема да брани поени, додека Србинот ќе треба да одбрани 1.600 поени од турнирите во Париз и Лондон.

Лесно може да се случи, доколку доживее неуспех на некој од овие турнири, Ѓоковиќ по долго време да го загуби првото место на АТП листата.