Целје парираше едно полувреме, Келце запиша убедлива победа

Ракометарите на Келце во натпревар од 10. коло од Лигата на шампионите прославија убедлива победа против Целје, со резултат 36:28. Келце со новите освоени бода дојде до првата позиција на табелата во групата А. Полскиот тим сега има 18 бода, еден бод повеќе од актуелниот европски првак Барселона, која има натпревар помалку.

Словенечкиот шампион во најголемиот дел од првото полувреме успешно им парираше на домаќините и со расположениот Иванковиќ, кој првиот дел го заврши со шест погодоци, му создаваше големи проблеми на домаќинот. Иако Келце не стартуваше според очекуваното, сепак, успеа целосно да го надигра незгодниот тим од Словенија.

По големата битка во воведниот дел, избраниците на Алем Тоскиќ кон средината на првиот дел направија исчекор, се одлепија на 10:6 и до 25 минута беа во предност. Како одминуваше времето домаќините се враќаа во игра и при финишот од првиот дел успеаја да го свртат резултатот во своја корист. Целје не го издржа силното темпо со финалистот од минатата сезона во Лигата на шампионите и сѐ што градеше во првиот период го уништи за само пет минути.

Откако Целје имаше водство од 14:13, шампионот на Полска со одлична серија од 6:0 направи целосен пресврт во последните пет минути и се одлепи на 18:14. Поискусната екипа не дозволи ривалот да се врати во игра и максимално ги казнуваше неговите грешки во продолжението. Резултатот на пауза гласеше 18:15 за домашниот табор.

Целје на почетокот на вториот дел како да крена раце од борбата со тимот на Душебаев, влезе во поголема криза и веќе при резултат од 25:20 во 40 минута беше јасно дека домаќините ќе атакуваат на убедлив триумф. Келце до крајот ја „билдаше“ разликата во своја корист, не дозволуваше премногу напредок во играта на гостите и успеа да прослави победа со осум гола разлика.

Најефикасен во победничката екипа беше Аркадиуш Морито со осум погодци. Кај Целје се истакна Вукашин Атонијевиќ со девет погодоци.