Храбрата Полска пружи силен отпор, но Франција не дозволи сензација

Репрезентацијата на Франција на стартот на Светското првенство 2023 не дозволи да има никакво изненадување, триумфираше против домаќинот Полска, со резултат 26:24, во натпревар од групата Б.

Домаќините мотивирано влегоа во дуелот со ,,триколорите” и по нерешените 2:2, избраниците на Ромбел со серија од 2:0, односно со погодоците на Сичко и Морито, дојдоа до предност од 4:2 во 5-та минута. Следуваше период, во кој ракометарите на Франција лесно се справуваа со нападот на Полска, постигнаа четири гола во низа и по десет минути игра имаа водство од плус два, 6:4.

Кризниот период во репрезентацијата на Полска беше прекинат со голот на левиот бек Сичко, кој намали на 6:5. Од тој период Полска некако успеваше рамо до рамо да се носи со еден од фаворитите за златниот медал на Мундијалот. Откако Франција беше во минимално водство, домашната селекција успеа да го израмни резултатот.

Резултатот кон средината на првото полувреме на двапати беше нерешено (7:7, 8:8). Избраниците на Ромбел повторно влегоа во криза и му дозволија на ривалот да постигне четири гола, така што Франција во 20 минути ги имаше дотогаш највисоките ,,плус четири” 11:8.

На голот на Франција солиден беше Жерард, додека француската одбрана во последниот дел од првите 30 минути функционираше одлично. Иако Франција водеше со три гола разлика на две минути пред крајот (14:11), сепак, во финишот се опушти и на пауза резултатот гласеше 14:13.

Вториот дел започна со голот на репрезентативецот на Франција, Никлас Турна за 15:13. Полска преку сите опции се обидуваше да се врати во игра, намали на 15:14, имаше напад за израмнување, но Франција во 35 минута повторно дојде до два гола разлика, 16:14.

Во следиот период Полска бркаше негатива од еден до два гола разлика, додека Франција беше репрезентацијата, која имаше поголема психолошка предност. Откако Франција имаше предност од 17:15 во 40 минута, домаќините за една минута дадоја два гола и конечно дојдоа до израмнување, 17:17.

Двете репрезентации постигнаа по неколку брзи гола, па така резултатот беше 19:19 во 45 минута. Франција само за момент успеа да се одлепи на 21:19, а Полска на речиси десетина минути пред крајот го врати егалот, израмни на 21:21. Французите во клучните моменти беа повеќе пофокусирани, со играч помалку дојдоа до 23:21, и до крајот имаа рутинска контрола на резултатот.

Најефикасен во победничката репрезентација беше Дика Мем со седум погодоци. Кај Полска се истакнаа Симон Сичко со седум и Аркадиуш Морито со шест реализации.