Храбрата Македонија загуби од Шпанија, но шансите за полуфинале се уште постојат

Женската кадетска репрезентација на Македонија загуби од Шпанија со 24-27 во натпревар на ЕХФ шампионат во литванскиот град Клаипеда. Но и покрај поразот, шансата за полуфинале останува, доколку утре ја совладаме Финска.

Се играше гол за гол до 4-4, пред Шпанија полека да почне да ја презема контролата на теренот. Беше 7-10, па 9-14, пред Младеновска да намали на 10-14. Кирова имаше одлична одбрана, но не реализиравме во следниот напад.

Шпанската голманка врза две интервенции, па нејзината селекција стигна до највисоки плус шест, 10-16, пред Богојеска да погоди првпат во противничката мрежа. До крајот на полувреме уште по еден гол на двете репрезентации за 11-17.

Ризоска го отвори вториот дел со погодок од пенал за 12-17, но во продолжение нападите беа без идеја, па Шпанките лесно и набрзина ги казнуваа грешките и стигнаа до плус осум, 13-21.

На петнаесетина минути до крајот беше 17-25, но серијата од три гола на Македонија преку Еленин, Дукоска и Равојска за 20-25 го принуди шпанскиот селектор да бара минута одмор.

При резултат 21-26, голманката Јовановска одбраи два удари, но не реалзиравме во нападот. Сепак Дукоска на четири минути до крај намали на минус четири, 22-26, а истата ракометарка стрелаше два пати по ред за 24-26 и возбудувања во финишот.

Јовановска повторно запре удар на Шпанките, но фрливме една топка во аут и шансите барем за бод отидоа во неврат. До крајот Шпанија погоди за триумф, 24-27. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Дукоска со осум гола, како и Ризоска и Младеновска кои дадоа по пет.

Кадетките ќе се борат за место во полуфиналето во директен дуел со селекцијата на Финска во натпревар кој почнува утре од 16:00 часот.