Херона: Против Македонија ќе провериме играчи што се наметнуваат за репрезентативниот дрес

По завршувањето на обврските кон клубовите, ракометарите на Србија ги почнаа репрезентативните обврски и подготовките за пријателските натпревари против Македонија во сабота и недела.

Репрезентацијата на Србија на двата пријателски натпревари во Ниш ќе настапи без неколку стандардни репрезентативци. Селекторот Тони Херона смета дека ваквите собири и подготвителни периоди треба често да се одржуваат за создавање на добра атмосфера во репрезентацијата.

„Не смееме да пропуштиме ниту една ваква можност за подготовки. Некои играчи сѐ уште се натпреваруваат во своите клубови, но ова е невообичаена сезона за сите нас. Ќе ја искористиме шансата да тренираме, можноста да видиме неколку млади играчи, но и да го поминеме времето заедно. Покрај тренинзите и натпреварите, многу е важно да поминуваме време заедно, со цел да се одржи добра атмосфера во екипата. Би сакал да им се заблагодарам на сите играчи бидејќи по тешките сезони сите се среќни што се тука”, изјави Херона.

Стратегот од Шпанија против Македонија ќе има комбиниран состав, а тоа ќе биде убава можност за проверка на неколку млади играчи кои сериозно се наметнуваат за сениорскиот дрес.

„На овие натпревари ќе имаме комбиниран тим, некои играчи се тука подолго време, некои помлади имаат помалку искуство, некои доаѓаат за прв пат. Тоа е добра можност да го следиме нивниот напредок, сосема е различно кога ќе имаме можност да работиме и да тренираме со нив, иако ги следиме нивните игри во нивните клубови”, заврши Херона.

Пријателските натпревари меѓу Македонија и Србија се играат во Ниш на 19 јуни од 18:00 часот и на 20 јуни од 16:00 часот.