Хапал: Среќен сум што се вратив во Македонија, со Тиквеш можеме до плеј-оф

Едно од новите засилувања за новиот суперлигаш Тиквеш од Кавадарци е белорускиот интернационалец Андреј Хапал.

За десното крило ова е камбек во Македонија, бидејќи пред три сезони настапуваше во битолскиот Еурофарм Работник.

„Ми се јави тренерот Томе Петрески и ми кажа дека во Кавадарци се формира одлична екипа. Зборувавме, се договоривме лесно и брзо, и еве ме се вратив во Македонија. По заминувањето од тогашниот Еурофарм Работник, три години настапував во Естонија, во тимот на Вилјанди Тулевик, со кои два пати бевме вицешампиони“, вели Хапал за 24Ракомет.

Тој не знаел ништо за Тиквеш пред да дојде, но слушнал убави работи, а кога се преселил во Кавадарци, се уверил во нив.

„Не знаев ништо за екипата на Тиквеш, освен тоа дека минатата сезона ја завршиле на првото место во Првата лига без ниту еден пораз, но тренерот Петрески ми кажа убави работи за екипата и за градот, а во тоа се уверив кога дојдов овде во Кавадарци. Задоволен сум што се вратив во Македонија, луѓето се многу пријатни, јазикот не е тежок за да го разбирам“, продолжи Хапал.

Белорусинот смета дека Тиквеш има квалитет да обезбеди место во плеј-офот.

„На првиот меч направивме многу грешки и загубивме од Младост, но ја забележавме првата победа во Битола и сметам дека понатаму ќе биде полесно. Ние имаме екипа за плеј-оф и се надевам дека тоа ќе го оствариме. Сега не знам каква ќе биде ситуацијата со корона, но се надевам дека ќе продолжиме да играме“, заврши Хапал.

Тиквеш загуби од Младост, Металург и Бутел, но го победи составот на Еурофарм Пелистер 2 во Битола пред прекинот на суперлигашките активности.