Хаос во екс европскиот првак: По Бабиќ, летаат уште откази во Подравка!

Европскиот шампион од 1996 година, Подравка, минува тежок период. По отказот на Жељко Бабиќ, уште една хрватска легенда замина од клубот.

Тренерот на голманите, некогашниот репрезентативец Иван Стевановиќ, исто така не е повеќе дел од стручниот штаб, но од клубот наведуваат дека се работи за здравствени проблеми. Покрај нив двајца, отказ доби и Ненад Смилјанец, координатор на младинските школи и вториот тим на Подравка.

По поразот од Дуго Село на домашен терен со 26-25, втора година по ред титулата ќе и биде сервирана на Локомотива Загреб, а Подравка ќе мора да се задоволи со второто место. Згора на се, запишани се и пет порази во Лигата на Европа.

Како што пишува „podravski.hr“, промените нема да застанат тука и веројатно отказ ќе има и за спортската директорка Миранда Татари, која не била во добри односи со Бабиќ.

Незадоволството расте кај главниот спонзор Подравка, кој дава во клубот повеќе од 1.000.000 евра годишно и кај градот Копривница кој исто така вложува, па најавени се неизбежни промени во играчиот кадар, како и на сите нивоа во клубот и ревизија на платите на сите вработени.