Хансен побрз од сирената за триумф на ПСЖ во француското дерби

Во дербито во француското првенство екипите на Монпелје и ПСЖ одиграа до крај неизвесен и драматичен натпревар кој на крај го доби гостинската екипа предводена од Раул Гонзалес со 34:33 со гол во последната секунда.

Првите седум-осум минути поминаа во израмнета игра со наизменични голови, а ПСЖ првпат стигна до повисока предност во 11. минута кога поведе со 8:4. До крајот на првиот дел гостите одржаа позитива и имаа 19:17 на паузата.

Во продолжението Монпелје успеа да израмни и се играше максимално неизвесно со минимална предност на едната или другата страна. Во 55. минута Монпелје поведе 32:30 и беше на чекор до победата. Сепак во завршницата ПСЖ направи пресврт и со голот на Хансен со истекот на времето триумфираше во дербито.

Најефикасен во екипата на Монпелје беше Деска со седум гола, Симонет постигна пет погодоци додека Дуарте и Валниус погодија по четирипати. Во составот на ПСЖ со по пет гола најпрецизни беа Микел Хансен и Даинис Кристопанс.