Ф4 за пионери – Аеродром: Кога веќе сме на Ф4, ќе се обидеме да го освоиме

Во пресрет на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција што во недела ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, редакцијата на 24ракомет подготви серија на мини разговори со тренерите на сите екипи. Ќе дознаеме за нивните амбиции, очекувања, што размислуваат за ривалите, како да се подобри квалитетот во пионерската лига. Тренер на екипата на Аеродором е Иван Никчевиќ.

Екипата на Аеродром во последните неколку сезони бележи напредок во ракометот, посебно во помладите категории, па така клубот, кој има големи шанси во следната сезона да игра во Супер лигата, може да се пофали со одлични резултати во останатите категории. Раководството на клубот одлучи да го организира Ф4 турнирот кај пионерите сметајќи дека имаат квалитет за висок резултат.

Аеродром во полуфиналето на пионерскиот Ф4 ќе игра против Куманово во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во недела во 10,30 часот. И двете екипи ги освоија првите места во групите, и победија во четвртфиналните средби пред да дојдат до најдобрите четири во Македонија.

Аеродром во регуларниот дел од сезоната играше во групата Б заедно со екипите на Мулти Есенс, Алкалоид, Вардар и Бутел Скопје. Избраниците на тренерот Иван Никчевиќ остварија осум победа на исто толку натпревари и со 24 бодови завршија на првата позиција. Во четвртфиналето Аеродром играше со Охрид и скопјани триумфираа со 19-16.

Никчевиќ кој е поранешен ракометар истакна дека се надевал на пласман меѓу најдобрите четири екипи кај пионерите и за останатите ривали од групата имаше пофални зборови.

,,Секој што работи како тренер во спортот би требало да очекува и плодови од работата. Потајно се надевав на пласман на завршниот турнир во пионерска конкуренција како резултат на вложениот труд на сите во клубот со кои работиме веќе три години. Кога веќе се пласиравме на завршниот турнир и покажавме дека имаме добра екипа, ќе се обидеме и да победиме и да го освоиме пионерското првенство. Екипите на Вардар и Бутел се екипи во формирање и како такви од нив треба да се очекува резултат во наредните години, додека во екипите на Алкалоид и Мулти Есенс имавме достојни противници и беше задоволство да се натпреваруваме со нив. Повеќе од задоволни сме што го завршивме групниот дел од првенството без пораз. Од екипите во групата најголем предизвик беше екипата на Мулти Есенс, која со малку среќа ќе се пласираше на завршниот турнир, а за што сигурно имаше квалитет, смета Никчевиќ.

Доказ дека во Аеродром посебно внимание се посветува на најмладите се нивните два производи – браќата Марко и Дамјан Митев, кои моментално настапуваат во амбициозниот тим на Алкалоид. Тренерот Никчевиќ посочи дека на дел од натпреварите шанси им дава на најмладите за дополнително да ја почуствуваат атмосферата на теренот.

,,Костурот на тимот го сочинуваат ракометари родени 2008 и 2009 година, но на секој натпревар настапуваат и перспективни играчи помлади од оваа возраст, со што ја подгреваме и така големата желба и посветеност на нашите најмлади членови. Ракометот е тимски спорт и нивните достигнувања зависат од многу фактори и секој од нив зависи од соиграчите. Секоја победа и пораз треба да биде попатна станица до крајната цел, а таа е секој од нив да се формира во комплетен ракометар…тоа е лајтмотив, од порази учиме, на победи се радуваме , но се во духот на ферплејот”.

Ривал на Аеродром во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе биде екипита на Куманово, која исто така имаше одлични резултати во својата група.

,,Екипата на Куманово е екипа за почит со самото тоа што групната фаза и тие ја завршија без пораз. Немаше многу материјал за анализа, со оглед на тоа дека тие настапуваа во друга група со екипи од источна и централна Македонија, а полуфиналниот натпревар со нетрпение го очекувам и се надевам на победа. Доколку анализираме, успех беше да освоиме место во групата кое води во четвртфинале, тоа го постигнавме. Потоа, рековме дека ќе се обидеме да не загубиме ниту еден натпревар во групната фаза, и тоа го постигнавме, потоа дојде четвртфиналето со Охрид и таму победивме и се пласиравме на завршниот турнир, искачивме три скалила, се надеваме и на четвртото и петтото скалило”.

БЕЗ ВЛОЖУВАЊЕ ВО МЛАДИТЕ КАТЕГОРИИ НЕМА ИДНИНА НА РАКОМЕТОТ

Никчевиќ смета дека во пионерска конкуренција треба да има повеќе натпревари, но исто така и измена во натпреварувачкиот формат.

,,На младите ракометари им недостасуваат натпревари. Според мене децата на оваа возраст треба да имаат најмалку 30 натпревари во текот на една натпреварувачка сезона. Ние во клубовите недостатокот го надополнуваме со пријателски натпревари, иако тоа не е соодветна замена. Јас сметам дека оваа година можеше да се спојат групите 1 и 2 од скопскиот регион во една група, како што се направи кај кадетите, и со тоа ќе имавме минимум 20 натпревари за секоја пионерска екипа. Мора да се напомене дека без вложување во младите категории нема иднина на ракометот”.

Според Никчевиќ секоја екипа на Ф4 турнирот може да го освои првото место и да стане новиот шампион кај пионерите.

,,Истакнат фаворит во оваа конкуренција и во минатото и за претстојниот завршен турнир нема, поради тоа што се работи за многу млади ракометари. Сметам дека екипите се со израмнет квалитет, со свои предности и недостатоци, а победникот може да го одлучи моменталната инспирација на играчите од екипите”.

Ф4 турнирот кај пионерите ќе се одржи на 7 мај во Скопје, поточно во малата сала во СЦ „Јане Сандански”.

Полуфинални парови

  • 10:30 часот МРК Куманово – РК Аеродром
  • 12:30 часот РК Голден Арт КЛ7 – РК Еурофарм Пелистер
  • 17:00 часот натпревар за 3-то место
  • 18:45 часот финале

Ланската година титулата во пионерска категорија ја освои екипата на Бисинов, која во финалето славеше над Струга со 21:18.